Доење


Дали доењето е вистинскиот избор за мене?

Мајчиното млеко е најдобар избор на храна за Вашето бебе бидејќи совршено е приспособено на потребите на бебето и претставува најадекватна исхрана за него. Вашето млеко ги содржи сите потребни хранливи состојки и го штити бебето од инфекции и од болести.

Доењето, исто така, е корисно и за Вас. Му помага на Вашето тело да се врати во форма како пред бременоста и 8може да го намали ризикот од рак на градите и на јајчниците, остеопороза, кардиоваскуларни болести и од дебелина. Не заборавајте дека доењето е евтина и секогаш достапна резерва од млеко за Вашето бебе.

Некои жени лесно и природно се навикнуваат на доењето, додека на други им е потребно повеќе трпение и решителност, особено ако се мајки за првпат.

Меѓутоа, постојат одредени причини зошто да не се дои, како на пример ако Вашето бебе има проблем со цицањето, бидејќи лачењето млеко е поврзано со побарувачката. Многу жени доживуваат болка, испукани брадавици, дури и затнати канали и инфекции, што може да претставува голем предизвик и конечно да заврши со одлука да не се дои, особено ако ова влијае и врз нивното емоционално здравје. Некои жени можно е да страдаат од сериозна анемија или од други здравствени проблеми, при што препорачливо е да не се дои.

Откако внимателно ќе ги разгледате опциите и ќе одлучите да не доите, не се чувствувајте виновно поради тоа. Адаптираното млеко ќе обезбеди сѐ што е потребно за раст и развој на Вашето бебе. Тоа, исто така, нуди добра можност и Вашиот партнер да биде повеќе вклучен во овој процес, а за Вас тоа ќе значи помалку грижа дека сѐ што ќе изедете или ќе се напиете ќе се пренесе на Вашето бебе.

Без оглед на тоа дали сте одлучиле да доите или не, процесот на хранење е одличен начин да изградите врска полна со љубов со Вашето бебе, со тоа што ќе го држите блиску до Вас и ќе остварувате контакт со очи, зборувајќи му нежно и топло. Најпосле, родителството е многу повеќе од доење.


Одлучивте да доите…

Првите неколку дена градите ќе Ви произведат жолтеникава течност која се нарекува колострум. Колострумот е важен за да му помогне на дигестивниот систем на Вашето бебе да воспостави функција и да го заштити од инфекции. Потоа Вашите гради ќе почнат да произведуваат млеко и веројатно ќе ги чувствувате пополни и потопли.

Најголем предизвик во доењето претставува првиот месец кога Вие и Вашето бебе ги учите техниките на доењето. Хранењето веројатно ќе биде почесто и подолго сѐ додека бебето не добие сила и ритам. Важно е да знаете дека резервите од млеко зависат од побарувачката, па количината што се создава ќе се зголеми или намали во зависност од тоа колку често го храните бебето. Затоа е препорачливо да доите секогаш кога Вашето бебе ќе покаже интерес за тоа (хранење по потреба), иако на почетокот ќе Ви се чини дека постојано само доите.

Кога бебето е гладно, може да стане немирно, да си ги цица прстите или тупаницата или да ја врти главата и да отвора уста. Најдобро е при првите знаци бебето веднаш да се нахрани бидејќи доењето на бебе кое плаче може да претставува тешкотија.


Како да се дои?

Доењето е техника што треба да ја совладаат како мајката така и детето, за што може да е потребно време, а со тоа и трпение. Ако сте првпат мајка, важно е да ја научите техниката на доење. Поради тоа, ако сѐ уште не сте посетиле предавање за доење, може да се консултирате со Вашата патронажна сестра која ќе Ви помогне во совладувањето на техниките за доење и ќе сподели со Вас важни совети. Со ова ќе Ви се помогне да се осигурате дека Вашето бебе соодветно се храни и ќе Ви се зголеми самодовербата да истраете во одлуката да доите.

Бебето може да го доите во различни позиции, но важно е прво Вие да заземете удобна положба. Може да користите и перници како потпора, ако тоа помага. При доењето главата и телото на Вашето бебе треба да се во права линија, а потпората треба да биде на вратот, рамената и на грбот за да може бебето да ја движи главата и полесно да голта. За да се оствари подобра врска со градата, треба да го приближите бебето до неа, а не да ја принесувате градата до устата на бебето. Најдобро е носот на бебето да се центрира на брадавицата за да го натерате широко да ја отвори устата. Многу е важно бебето да ја земе градата со целата уста, така што Вашата брадавица ќе му заврши во задниот дел од устата. При правилно доење, неговата глава треба да е наведната малку наназад и со брадата да ја допира Вашата града, за носот да биде слободен за дишење.

Најдобро е наизменично да се менуваат градите при секое доење. За време на едно доење од двете гради, обидете се прво да ја испразните едната града, а потоа префрлете се на другата. Ова е важно бидејќи првичната количина млеко е потечна, а потоа млекото е погусто и полно со калории.

Исто така, можно е да забележите дека или имате вишок или малку млеко во Вашите гради. Ова е нормално и по некое време количеството млеко треба да се синхронизира со распоредот на хранење на Вашето бебе.

Ако имате вишок млеко во градите, повеќе од она што Вашето бебе може да го исцица, може да се обидете да измолзите дел пред да го доите бебето. Можно е да дојде и до извесно истекување на млеко кога не доите, што е нормално и покажува дека имате доволно производство на млеко. Влошките за гради можат да придонесат за поголема удобност.

Треба да сте свесни дека ако не се измолзи вишокот млеко во текот на подолг период, тоа може да предизвика инфекција на ткивото на градите, којашто се вика маститис. . Градите ќе Ви станат црвени, потечени, топли и ќе болат, а може да имате и симптоми како треска и главоболка. Важно е да продолжите да си го доите бебето бидејќи тоа е најдобар начин да се отстрани маститисот. Ако и по неколку дена симптомите продолжат, посетете доктор.

Исто така, можно е да немате доволно млеко и да забележите дека Вашето бебе е немирно по доењето и не ја зголемува својата тежина. Во овој случај треба да се размисли доењето да се дополни соадаптирано млеко и со Вашиот педијатар да се разговара за опциите.


Дали моето бебе добива доволно млеко?

Веројатно една од најголемите грижи во првите денови од животот на бебето за поголем број мајки кои дојат е дали бебето добива доволно млеко. Вие не можете да ја измерите количината млеко која ја произведувате, но има одредени знаци кои можете да ги следите. По доењето Вашето бебе треба да е сито и задоволно. Исто така, добар индикатор е и тоа дали пелените се суви или мокри. По неколку дена Вашето бебе треба да има најмалку 6 мокри (тешки) пелени во 24 часа и, што е мошне важно, треба да се создава мека жолта столица.

Нормално е Вашето бебе да изгуби дел од почетната (родилна) телесна тежина во текот на првите две недели, но потоа треба да почне да добива тежина, што, исто така, е индикатор дали има доволно резерви од млеко.

Доењето не треба да е болно, но првите неколку дена можно е да ве болат брадавиците, што е нормално. Ако брадавиците продолжат да бидат суви, испукани или да крвават, Вашето бебе веројатно не ја фаќа добро градата. Може да се обидете со производи за нега на брадавици во текот на доењето, но најдобро е да се консултирате со Вашата патронажна сестра за да обезбедите соодветно доење.


Направете го доењето згодно и практично

За да Ви е поудобно при доењето, може да размислите да носите посебни градници за доење, коишто се многу практични и обезбедуваат брз пристап до Вашите гради. Исто така, згодно е да се носи широк горен дел или блуза со копчиња однапред, а марама околу Вашето рамо ќе Ви обезбеди поголема интима и е практична, особено ако доите надвор.