Патувањето низ Вашата бременост

Добре дојдовте во календарот за бременост на ПреМама Дуо!

Календарот за бременост на ПреМама Дуо помага да дознаете до каде сте со бременоста и нуди информации за промените што му се случуваат на Вашето тело, како и за развојот на бебето во секоја фаза од бременоста.

Следните информации ќе Ви помогнат подобро да ги разберете промените кои му се случуваат на Вашето тело, како и развојот на бебето во секоја фаза од бременоста.

Бременост – 0 – 8 недели

Вашето тело

Честитки, Вие сте бремена!
Во овој период многу жени не се чувствуваат и не изгледаат поинаку, но ова не е причина за загриженост. Доколку се чувствувате поинаку, тоа значи дека веројатно сте поуморна од вообичаено, па дури и истоштена, а можно е да имате и вртоглавици. Многу бремени жени чувствуваат мачнина во стомакот, којашто може да премине и во повраќање. Овие симптоми накратко се нарекуваат „утринска мачнина”, иако можат да се случат во секое време од денот и ноќта, а ако имате помалку среќа, мачнината може да трае и во текот на целиот ден. Ова, исто така, не е причина за грижа. Утринската мачнина е знак на здрава бременост и веројатно ќе се чувствувате многу подобро по 13./14. недела од бременоста.
Во овој период метаболизмот малку Ви се забрзува и постепено почнувате да додавате тежина. Градите веројатно веќе Ви стануваат чувствителни. Исто така, можно е да имате запек или почеста потреба за мокрење. Сепак, пиењето вода не треба да се намали, како и внесувањето свежо овошје и зеленчук.
Доколку сѐ уште не сте го посетиле својот гинеколог, сега би било добро време да закажете прв преглед за да се потврди бременоста и да добиете првични информации и совети.

Вашето бебе

Во овој период од бременоста, до осмата недела, сите внатрешни органи на Вашето бебе треба да се во точна позиција, иако развојот има уште долг пат. На крајот од овој период Вашето бебе почнува да добива типичен изглед на човечко бебе и е долго приближно 2,5 cm. Неговото срце почнува да чука со околу 180 пумпања во минута и тоа може да се чуе со ултразвук. Ова покажува дека веќе има циркулација на крвта во малото тело.

Бременост – 9 – 12 недели

Вашето тело

Ако сте од оние жени кои имаат „утринска мачнина” или се чувствуваат изморено поради бременоста, добрата вест е дека отсега симптомите најверојатно ќе почнат да се повлекуваат. До овој период Вашата матка има пораснато до големина на цитрон. Исто така, можно е да доживеете промени на кожата на Вашето лице, како на пример промена на тенот во облик на потемни дамки наречени мелазми, кои исчезнуваат по бременоста. Како што се зголемуваат Вашите гради и долниот дел од стомакот така може полека да размислувате за набавување соодветен градник и облека.

Вашето бебе

До крајот на овој период Вашето бебе ќе има изглед на човек, иако е долго само 6 cm од главата до задникот. Вие сѐ уште не може да забележите, но тоа е активно и се движи во матката. Бебето може да ги движи рацете, да ги тегне прстињата, а почнуваат да му се формираат и полови органи, иако сѐ уште не се видливи со ултразвук. Прегледот со ултразвук во овој период ќе го потврди отчукувањето на срцето на Вашето бебе.


Бременост – 13 – 16 недели

Вашето тело

Во овој период Вашата бременост станува очигледна со растењето на стомакот. Вие веројатно веќе имате додадено околу 2,5 – 4,5 килограми и време е за соодветна облека. Со оглед на тоа што поминале мачнината и заморот, препорачливо е да почнете со вежбање приспособено на Вашата бременост, што ќе Ви помогне да останете во форма и да се подготвите за породувањето.

Вашето бебе

Ова е период на интензивен раст на Вашето бебе и во последните 4 недели тоа ја удвоило својата должина и тежи околу 130 g. Надворешните полови органи веќе се формираат и Вашиот гинеколог веќе треба да биде во можност да одреди со ултразвук дали очекувате девојче или момче. Во оваа фаза Вашето бебе може да си го цица прстето и ако имате среќа, ова може да го видите на ултразвук. Тоа веќе ги има карактеристичните отпечатоци на прстите.


Бременост – 17 – 20 недели

Вашето тело

Честитки, Вие сте на пола пат! Веројатно ќе забележите дека во овој период не само што Ви се зголемува стомакот туку, исто така, и бедрата и задникот. Ова, секако, не е причина за загриженост бидејќи тоа е природен процес при што Вашето тело прави резерви од маснотии кои ќе ги користи подоцна кога ќе доите. Исто така, можно е да Ви се појават и стрии на градите и на стомакот. За да се зачува мекоста и еластичноста на кожата, градите и стомакот може нежно да ги масирате со крем или со масло. Со растењето на Вашето бебе, можно е да чувствувате киселини, што, исто така, е нормално. Во таков случај, препорачливо е да се јадат мали оброци, да се избегнува алкохол, зачинета и друга храна или пијалаци за кои сметате дека Ви ги влошуваат симптомите. Доколку е потребно, достапни се лекарства кои се безбедни за бремените жени, а може да Ви ги препорача доктор или фармацевт.

Вашето бебе

Сега се развиваат сетилата кај Вашето бебе и тоа може да чуе звуци преку матката. Иако сѐ уште е малечко, сега можете да ги осетите неговите движења. На главата му расте малку коса, а во непцата се формираат првите запчиња. Нервниот систем се развива брзо и со развојот на мускулите бебето почнува да добива контрола врз своите движења. Вашето бебе е долго околу 15 cm од главата до задникот и тежи околу 270 g. До 20. недела кожата на Вашето бебе е покриена со бела масна супстанција наречена верникс, за којашто се смета дека ја штити кожата во текот на долгиот период поминат во амниотската течност.

Бременост – 21 – 24 недели

Вашето тело

Како што Ви расте стомакот, Вашата бременост им станува се поочигледна на другите луѓе. Во овој период од бременоста матката почнува да прави вежби во форма на контракции, наречени контракции Брекстон-Хикс, коишто, всушност, ѝ помагаат да се подготви за породување. Тие се манифестираат на тој начин што повремено ќе чувствувате затегнување на стомакот за неколку секунди. Вашите гради, исто така, може да станат почувствителни, што е резултат на хормонските промени, сѐ со цел да се подготват за доење, а можно е повремено и да истекува малку колострум, што е сосема нормално.

Вашето бебе

До крајот на овој период Вашето бебе е пораснато 20 cm од главата до задникот и повеќе од 600 g во тежина. На крајот од 24. недела очите на Вашето бебе ќе се отворат за првпат. Цртите на неговото лице се формирани и сега потсетуваат на изгледот што тоа ќе го има по породувањето. Ритамот на неговото срце се забавува на околу 140 – 150 пумпања во минута. Овој период бебето е покриено со нежни меки влакненца коишто се викаат лануго. Се смета дека ланугото помага бебето да ја одржува потребната температура. Обично исчезнува пред раѓањето, но малку лануго може да остане на кожата на бебето и по раѓањето, а потоа да опадне. Вашето бебе сега има циклуси на спиење и на будност, коишто може да ги забележите во следниот период и коишто можеби не се синхронизирани со Вашиот ритам. Вашето бебе добива кислород преку плацентата во текот на целата бременост. Во овој период белите дробови не се во можност да работат соодветно, но Вашето бебе вежба движења на дишење за да се подготви за живот надвор од матката. Во 24. недела од бременоста бебето има шанси да преживее ако се роди, но има зголемени ризици од попреченост во развојот.


Бременост – 25 – 28 недели

Вашето тело

Стомакот и градите Ви се зголемуваат, па треба да ги адаптирате движењата на Вашите нови „пропорции”. Можеби почнувате да чувствувате притисок, па дури и грчеви во нозете или да имате отоци на рацете и на нозете, кои се повообичаени во попладневните часови. Ова е нормално и е предизвикано од задршката на вода. Како што расте бебето, тоа зазема дел од просторот каде што е Вашиот стомак. Ако сѐ уште немате лошо варење и киселини, можно е сега да почнете да ги чувствувате симптомите, што, исто така, е нормално. Можете да си помогнете така што ќе јадете мали оброци и ќе избегнувате храна од којашто Ви се влошуваат симптомите. Доколку симптомите сѐ уште не се повлекуваат и Ви предизвикуваат непријатност, консултирајте се со Вашиот доктор или со фармацевт за примена на лекови. Можно е, исто така, одвреме-навреме да чувствувате и недостиг на здив, предизвикан од притисокот што Вашата матка го прави врз дијафрагмата под белите дробови.

Вашето бебе

До крајот на овој период Вашето бебе ќе тежи 1 kg. Тоа сѐ уште може да ја смени позицијата во матката и ќе стане поактивно во оваа фаза. Тоа реагира на допир и на звук, а многу гласна врева може да го натера да скока и да клоца. Тоа сега редовно исфрла урина во амниотската течност. Во овој период Вашето бебе почнува интензивно да создава масни наслаги, а белите дробови се развиваат брзо за да се подготват за процесот на дишење по раѓањето.



Бременост – 29 – 32 недели

Вашето тело

Сега влегувате во третиот триместар од Вашата бременост. Веројатно ќе почнете повторно да се чувствувате изморено поради сите дополнителни потреби што ги има Вашето тело и бебето кое расте. Користете ја секоја можност да се одморите и да ги кренете нозете. Вашите карлични зглобови ќе почнат постепено да се шират за да се подготват за породувањето. Обидете се да не правите ненадејни движења за да избегнете оштетување на карлицата. Со зголемување на притисокот врз мочниот меур, може да чувствувате дека имате потреба почесто да го празните, дури и во текот на ноќта. Ако имате тешкотии да спиете навечер, обидете се да легнете на страната на којашто вообичаено спиете, а под стомакот да ставите перница за да Ви биде поудобно.

Вашето бебе

На крајот од овој период тежината на Вашето бебе е речиси 2 kg и тоа е долго околу 30 cm од главата до задникот. Тоа сега има сѐ помалку простор за движење и подолго време си ги држи ноџињата притиснати на градите. Ако е свртено со главата надолу, во таа позиција ќе остане до породувањето. Ако не, сѐ уште има време да се сврти. Очињата му се доволно развиени за да разликува светло од темно. Како што создава масни наслаги така неговата кожа станува сѐ помалку збрчкана и помазна. Верниксот и ланугото почнуваат да исчезнуваат. Во овој период интензивно се развиваат белите дробови и се полнат со површинско активни супстанции, коишто се важни за дишењето подоцна.


Бременост – 33 – 36 недели

Вашето тело

Сега влегувате во последните недели од Вашата бременост. Стомакот Ви е мошне голем и влијае врз Вашите телесни активности. Можеби подолго време ќе чувствувате болка во грбот и во долниот дел од стомакот, а стапалата и рацете можеби ќе Ви бидат отечени, особено во вечерните часови. Контракциите Брекстон-Хикс стануваат сѐ поочигледни бидејќи матката се подготвува за претстојното раѓање. Доколку станат болни или чести, треба да се посоветувате со Вашиот лекар. Вашето бебе ќе се спушти подолу во карлицата за да се подготви за породување, со што ќе се намалат симптомите на киселини и на тешкотии со дишењето, доколку сте ги имале. Во овој период многу жени чувствуваат потреба да ја „исчистат куќата”, но внимавајте да не претерувате.

Вашето бебе

Вашето бебе сега создава резерви од масни наслаги и значително ја зголемува тежината, приближно 140 g неделно. Централниот нервен систем сѐ уште се развива и неговите рефлекси од ден на ден стануваат сѐ подобри. Коските се зацврстуваат, но коските на черепот остануваат меки и раздвоени сѐ до раѓањето, за да се обезбеди полесно минување на главата на бебето низ родилниот канал за време на породувањето, а сепак мозокот да е заштитен. До 36. недела Вашето бебе ќе биде долго околу 32 cm од главата до задникот и ќе тежи околу 2,5 kg. Неговата кожа е мека и мазна, ќе има нокти, а можеби и до 5 cm коса на главата. Белите дробови се подготвуваат за дишење доколку бебето се роди во 36. недела од бременоста, а дигестивниот систем е во можност да го преработува мајчиното млеко.


Бременост – 37 – 40 недели

Вашето тело

Како што се приближувате до датумот на породување така стомакот Ви станува доста голем и носите сериозен товар. Мошне е важно да одморате што е можно повеќе. Редовно правете вежби на мускулите на карличното дно бидејќи бебето сега сериозно Ви го притиска мочниот меур. Веројатно еднаш неделно ќе одите на гинеколог, па дури и почесто ако е потребно. Зголемувањето на телесната тежина веќе треба да е престанато. Иако бременоста се пресметува дека трае 40 недели, се смета дека бебето е навреме родено ако се роди меѓу 38. и 42. недела.

Вашето бебе

Нормална родилна тежина на Вашето бебе се смета меѓу 2,5 kg и 4 kg. Белите дробови и нервниот систем, кои се развиваат побавно од останатите органи, треба да се сосема функционални до крајот на бременоста. Вашето бебе ги движи очите цело време и има ритам на спиење и на будност. Бидејќи сега е поголемо, движењата се ограничени, не се многу интензивни и има помалку амниотска течност во Вашата матка. Во последните часови од бременоста таа ќе се претвори од проѕирна во млечно бела. Во дигестивниот систем на Вашето бебе има зелена супстанција наречена мекониум. Тоа ќе биде првата столица на Вашето бебе по раѓањето. Ланугото веќе треба да е сосема исчезнато, но некои бебиња се раѓаат со мали праменчиња лануго.

Во оваа фаза Вашето бебе е подготвено за раѓање и наскоро ќе ја доживеете радоста од меѓусебното запознавање. Со среќа!