Добре дојдовте во калкулаторот за овулација на ПреМама Дуо!

Калкулаторот за овулација на Премама Дуо помага да се предвидат деновите кога сте плодни при обидите да зачнете, по пат на едноставно внесување на одредени детали за Вашиот менструален циклус.

Калкулатор за Овулација

* Под поимот менструален циклус се подразбира времетраењето помеѓу почетокот на два менструални периода (пр. 29, 30, 31 ден)


Менструален циклус – како телото се подготвува за бременост


Во идеален случај менструалниот циклус трае 28 дена, но не се грижете ако Вашиот не трае толку. Тој започнува со првиот ден од Вашата менструација. Во текот на менструалниот циклус едниот јајчник произведува зрела јајце-клетка подготвена за оплодување. Истовремено матката се подготвува да ја прифати оплодената јајце-клетка со здебелување на ендометриумот (внатрешниот ѕид на матката). Доколку јајце-клетката не се оплоди, во текот на периодот што следува вишокот ендометриум се лупи. Јајце-клетката може да се оплоди до 24 часа по овулацијата,додека се движи низ јајцеводот кон матката. Доколку се оплоди, се вгнездува во ѕидот на матката и почнува да се развива во бебе.

Од друга страна, спермата може да преживее неколку дена во Вашето тело и да чека да се ослободи јајце-клетката.

Затоа, најдобар период за сексуален однос, со цел да си ги зголемите изгледите да забремените, се неколку дена пред овулацијата и во периодот на овулација. .

Исто така, постојат и други знаци кои укажуваат на периодот кога сте плодни:


Промена на слузта во грлото на матката

Слузта е многу важна бидејќи помага при оплодување на јајце-клетката. Пред овулацијата, веднаш по Вашата менструација, грлото на матката создава малку слуз, којашто е густа и леплива, бела или непроѕирна. Како што се приближувате до овулацијата се зголемува создавањето слуз, којашто станува кремаво бела или бела. Околу периодот на овулација се создава уште повеќе слуз, којашто е поретка, проѕирна и растеглива, како белка од живо јајце. Ова е периодот кога сте најплодна и имате најголеми шанси да забремените. По овулацијата, слузта повторно ќе стане густа и леплива.


Базална телесна температура

Базална телесна температура е температурата што ја има Вашето тело при одморање. Овулацијата треба да се случи на почетокот кога базалната телесна температура почнува да се зголемува, што трае околу 3 дена. Базалната температура треба да се мери секој ден во исто време и најдобро е тоа да се врши секое утро пред да се стане од кревет бидејќи различни фактори влијаат врз неа во текот на денот. Со регистрирањето на Вашата базална телесна температура во текот на неколку месеци, можете со поголема точност да предвидите кога овулирате.

Останати знаци

Исто така, има и други знаци кои може да бидат корисни за предвидување на овулацијата, како што се чувството на абдоминална болка или симптомите на предменструалниот синдром, како надуеност, чувствителни гради или промена на расположението.

Но, всушност, обидите да се забремени се дел од еден прекрасен љубовен период за Вас и за Вашиот партнер. Најдобро е да не се вознемирувате премногу околу распоредот на сексуалните односи, а наместо тоа да се обидете да се релаксирате и што е можно повеќе да уживате во заедничките интимни моменти.