Животен стил


Совети за животен стил во бременоста

Бременоста е период кога може да почувствувате потреба за одредени промени во Вашиот вообичаен животен стил. Доколку сте многу активна личност, може да размислите за намалување на темпото и за наоѓање повеќе време за одмор и за релаксација. .

Веќе ја нагласивме важноста од здравата исхрана и користа од земањето додаток во исхраната, како ПреМама Дуо, во делот Исхрана.


Вежби во бременоста

Физичката активност, исто така, е важна во текот на бременоста бидејќи помага да останете во добра форма и покрај тоа што малку сте се здебелиле. Вежбањето помага да се намали и стресот и да се има здраво ноќно спиење. Може да размислите за секојдневна рутина со умерен интензитет, како пешачење, пливање или возење статичен велосипед, или може да се вклучите на час за вежбање за бремени жени.

Без оглед на тоа за каква физичка активност ќе се одлучите, важно е да не претерувате. Во основа, треба да бидете во можност да одржувате нормален разговор додека вежбате, а притоа да не останете без здив. Во спротивно, вежбањето веројатно е премногу напорно. Се смета дека вежбање секој ден по 30 минути е доволно.

Одредени спортови треба да се избегнуваат, како што се контактните спортови или секаков друг спорт каде што можноста да добиете удар или да паднете е голема, а тоа може да го повреди и Вашето бебе. Иако пливањето е во ред, нуркањето со опрема не е, бидејќи бебето нема заштита од декомпресивна болест и од воздушната емболија.

Исто така, препорачливо е да започнете и со вежби за мускулите на карличното дно, врз коишто паѓа голем притисок за време на бременоста и во текот на породувањето. Нормално е да се појави и уринарна инконтиненција (неволно истекување на мокрачата) во текот на бременоста (обично при кивање и при кашлање), но не би сакале таа да продолжи по бременоста.

Дополнително, може да размислите за посетување подготвителни часови за породувањето.


Секс во бременоста

Сосема е безбедно да се има секс во текот на бременоста, како што е нормално и да имате промени во Вашиот нагон за секс. Некои парови уживаат во редовни сексуални односи за време на бременоста, додека други не се раположени за секс. И двата пристапи се во ред. Подоцна во бременоста може да забележите дека оргазмот, па дури и сексуалниот однос може да предизвикаат контракции Брекстон-Хикс на Вашата матка. Ова е сосема нормално и не треба да се грижите. Потребно е само да се опуштите и да почекате тие да поминат.

Сепак, има одредени ситуации кога се препорачува да немате секс во текот на бременоста, како на пример ако претходно сте имале обилни крвавења или ако има висок ризик од инфекции итн. Отворено разговарајте за секој аспект од бременоста со Вашиот гинеколог.

Уживајте во бременоста

Иако Вашето тело доживува промени за време на бременоста и стомакот Ви станува поголем, не се грижете. По породувањето, со доењето, со здравата исхрана и со вежбањето ќе се вратите во Вашата нормална форма.

За бремените жени често се вели дека имаат „посебен сјај и убавина”, па искористете го тоа најдобро што можете и уживајте во бременоста бидејќи Ви се случува нешто прекрасно.